Стотици размрдани прсти – една цел: Обезбеден училишен прибор за 150 дечиња од социјално загрозени семејства

 

Градскиот парк беше збирно место за забава, многу детски насмевки, убаво расположение, дружење и најважно од сè, хуманост на дело. Повеќе стотици граѓани и познати македонски естрадни имиња го искористија убавото сончево попладне и активно мрдаа со прст во рамките на хуманитарниот хепенинг Мрдни со Прст – Донирај училишен прибор”.

Во рамките на двочасовниот хуманитарен хепенинг, присутните се забавуваа со голем број македонски познати личности, меѓу кои Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Викторија Лоба, Биг Мама, диџеј Гоце Саф, Мартија Станојкоиќ, хип-хоп групата Битрикс, Лила Стојановска, Марко Новески и уште многу други, кои едногласно ги потврдија своите искрени намери за подигнување на општествената свест за горливите проблеми со кои се соочуваат овие семејства.

 

Дел од оваа голема хуманитарна иницијатива за донација на училишен прибор за дечињата од социјално загрозени семејства, активно учество земаа и Сојузот на извидници на Македонија и Организацијата на жени на Општина Свети Николе, кои организираа собирни пунктови за училишен прибор во Кочани, Прилеп, Велес и Свети Николе, а кои потоа ќе бидат доделени на дечињата и семејствата од соодветните градови.