Нашата визија е да видиме општество со прогресивни и мобилни граѓани, пред се млади луѓе.

       Александар Стојменов - Асоциацијата за интернационална мобилицизација(АИМ)

   1. Што можете да ни кажете за работата на вашата организација ? Што е она што ве движи напред?

 

Асоцијација за интернационална мобилизација (АИМ) е формирана врз заедничка визија на повеќе млади луѓе. Нашата визија е да видиме општество со прогресивни и мобилни граѓани, пред се младите луѓе. Токму големата апатичност  помеѓу младото население во регионот од којшто доаѓаме не мотивираше да отпочнеме со преземање на се што е во наша можност за да го поправиме тоа. АИМ моментално работи на неколку проекти во кои таргет групи им е младата популација. Преку неформално образование се обидуваме да креираме активни млади граѓани кои ќе делуваат на локално ниво.

Не движи желбата младите луѓе активно да учествуваат во локалните политики и прашањата кои директно ги засегаат. Мотивирани млади активни граѓани кои својата иднина ќе ја гледаат во средината во која се израснати, а не да ја бараат надвор од својата држава.

  

2. Што претставува за вас младинско учество ? Како се борите тоа да го остварите за младите во вашиот регион ?

 

Младинско учество за мене преставува  активизам кај младите луѓе за прашања кои ги засегаат нив, како на локално така и на национално ниво. Започнувајќи од учество на младите на разни обуки и кампови, учество на еразмус+ проекти, па се до волонтирањето како најдобар пример за младинско учество. Секој млад човек кој покрај своите обврски во училиштето или факултетот сака да издвои време и внимание да се вклучи во некои активности, во кои самиот ќе го надогради своето знаење а и воедно ќе помогне во решавање на проблеми за јавното добро, за мене тоа престаува младинско учество и младински активизам. Иницијативата која ја спроведовме е еден од начините за поголемо младинско учество и мислам дека ќе се обидеме и во иднина да правиме вакви слични активности. АИМ силно се залага за креирање на младинско тело, односно младински совет во општината. Тоа ќе ни преставува приоритет број 1 во оваа година. Сметаме дека секоја општина, па така и Виница, треба да ги вклучи младите во локалната самоуправа и преку тоа младинско тело да им се овозможат повеќе можности на младите.

  

3. Која беше вашата мотивација да се активирате во акциите на Мрдни со прст ? Што претставува за вас Мрдни со прст кампањата?

 

Активно играм кошарка повеќе од 10 години, во текот на тие години немаше никакво подобрување на спортските терени, напротив условите само повеќе се влошуваа. Често разговаравме на таа тема, што ни недоставува како би изгледало подобро, но сето тоа остануваше само на разговор. Програмата Мрдни со прст преставуваше можност која ја искористивме, за колку-толку да ги подобриме условите за љубителите на кошарката.

И во минатото најчесто самоиницијативно купувавме мрежи за кошевите, така што оваа иницијатива преставуваше решение на некои од нашите проблеми. Мрдни со прст за мене преставува одлична кампања која функционира супер и влијае во вклучувањето на граѓаните во опшествените проблеми на локално ниво. Ја зголемува одговорноста и волонтирањето кај граѓаните.

 

4. Со вклучување во кампањата, какви промени инициравте во вашата заедница?

 

Со иницијативата Мрдни со прст за спортот во Виницауспеавме да ја подигнеме свеста за волонтирањето кај младите. Повеќе од 40 граѓани се вклучија во разни активности во текот на иницијативата, започнувајќи од обновувањето на игралиштето па се до завршниот турнир.

Со оваа иницијатива успеавме ние како цивилен сектор да соработуваме со СОУ Вачно Прке, т.е. институција, како и приватниот сектор односно неколку фирми кои дадоа парични средства како награден фонд за завршниот турнир.

Најважно од се, се таргетираше група на луѓе, спортисти, љубители на кошарката кои сакаат и заслужуваат подобри услови на спорските терени. Целта на оваа иницијатива не беше само да ги подобриме условите на кошаркарското игралиште во СОУ Ванчо Прке, туку да иницираме подоборување на повеќе спортски терени во градот и околните места во општината. 

 

5. Што би им препорачале на граѓаните кои сѐ уште се немаат вклучено во вашите активности или пак во акциите на Мрдни со прст?

 

Бидејќи живееме во партизирано опшество секоја иницијатива или проект  од цивилниот сектор најчесто наидува на разни епитети и поврзување со политички структури.   Иницијативата Мрдни со прст за спортот во Виница  исто така беше оспорувана и имаше обиди да се поврзе со некои политички струкутри. Но сепак го надминавме и тоа и иницијативата доби голема подршка од младите луѓе, пред се средношколци и љубители на кошарката.

Граѓаните мора да сфатат дека не сите промени доаѓаат преку политичките партии, влијанието на граѓанското општество во Македонија се повеќе треба да добива на значење. Голем број од промените кои се случуваат доаѓаат томку од овој сектор.

Баш поради тоа, до сите граѓани кои сеуште не се вклучиле во иницијативи или акции за опшествено добро, би им порачал дека промените доаѓаат од нас, за да направиме промени во опшеството пред се треба да се промениме самите ние. Не треба да чекаме и да се надеваме на политиките структури, ние граѓаните треба да бидеме активни и самите да одлучуваме за прашања кои нас директно не засегаат.

 

6. Зошто сметате дека е важно младите да бидат активно вклучени во промените во општеството ?

 

Младите се најважниот сегмет во секое општество. Тие се носителите на промените и затоа поголем број на активни млади значи подобро општество. Колку младите можат повеќе да влијаат врз младинските политики на локално ниво, колку повеќе шанса им се дава, толку тие ќе бидат помотивирани и пооптимистични за својата иднина и за опшеството во кое живеат. 

 

Секое потиснување на младите, секое нивно разочарување ја зголемува нивната апатичност и ги зголемува шансите младите од Македонија својата иднина да си ја бараат надвор од својата татковина.