Секојдневно запознавам нови лица кои несебично сакаат да донираат со цел да му помогнат некому

Тони Станковски – Здружение Љубезност

 

1. Зошто (ја формиравте) „Вистински дела на љубезност“?

Почнавме со едно-две други семејства. Секогаш кога купувавме производи во некој маркет, покрај едната количка што ја полневме за нас, полневме и уште една количка со цел на крајот од седмицата да ја донираме некому. Како не осознаваа пријателите, роднините и колегите така и ни се придружуваа во оваа наша иницијатива. Така се зголемуваше и количината на донирана храна, а со тоа и бројот на семејства на кои им ја носевме истата. Здружението ПОГЛЕД КОН ВИСТИНАТА кое се занимаваше со едукација, археологија, здрава исхрана и сл. ни овозможи хуманитарниот дел ние да го водиме. Во Јануари 2015 год го оформивме Здружението ЉУБЕЗНОСТ. Почнавме како иницијатива, но моравме да се формализираме за да можеме поорганизирано да ги реализираме активностите.

 

2. Според вас, дали љубезноста и солидарноста се присутни во Македонија? Како можеме да ги поттикнеме овие две вредности кај граѓаните? Дали успевате со вашите акции да ја подигнете свеста кај граѓаните за грижа за другите, за заедницата, за оние кои имаат потреба?

Почетоците беа тешки, тешко се доаѓаше до луѓето на кои им е потребна помош, но посебно до луѓето кои би сакале да донираат или да помогнат со нешто. После 1.5 година од првите активности во една објава го напишав следново „Мислев дека сме себични како нација, но со текот на времето увидувам дека сум во заблуда“. И навистина, секојдневно позитивно се изненадував запознавајќи секогаш нови лица кои несебично сакаат да донираат и да дадат дел од себе со цел да му помогнат некому кој е во потреба.

Исто така, додатен стимул за тоа што го работевме беше поддршката од граѓаните кои секојдневно не контактираа во порака на ФБ или на телефон и ни кажуваа дека активностите ги натерале да не останат рамнодушни, туку да изразат подготвеност на дело да ја покажат својата намера да помогнат некому.

 

3. Што можете да ни кажете за новиот Закон за остатоци од храна ? Колку ќе ви помогне тоа во работата ? 

Многу ни значи што сме дел од работната група за донесување на Законот за донирање на вишок на храна во Македонија. Заедно со уште две други здруженија, една иницијатива, три министерства и една агенција, го сработивме нашиот дел од работата, а тоа се препораките врз база на кои се пишува законот, кој искрено се надеваме дека ќе се донесе во првата половина на 2018 год. Сега претстои пилот период каде што треба во пракса да се истестираат сите поединечни сегменти од самиот процес, со цел навремено да се искорегираат евентуалните аномалии. Подобро прво тестирање па после законска завршница, отколку набрзина носење на закон кој тешко или воопшто нема да може да се примени во пракса.

Овој закон многу ќе ни помогне во работата. Со него би се заштитиле самите донатори, би биле стимулирани да размислуваат за да ја донираат храната, отколку да ја фрлат во депонија. На тој начин би ја заштитиле животната околина од преголем отпад од храна, а од друга страна би нахраниле голем број на наши сограѓани кои не се во можност во текот на секој ден да обезбедат еден, два, а некои и три оброци.

 

4. Колку лица сте ангажирани во организацијата (волонтерски или платени)? Која е вашата и нивната мотивација за ангажман во заедницата?

Во Здружението постојано сме ангажирани од 3-5 луѓе. За време на некои активности учество земаат и до 20-тина. Во изминативе 4 години сите работат на волонтерска база, не сме користеле грантови или големи донации. Успевавме до сега да ги покриеме тековните трошоци како што се храна и гориво. Но, активностите толку многу се зголемија што на крајот од оваа година за прв пат моравме да аплицираме за грант.

Мотивацијата на сите волонтери е голема, не соединува истата мисија, а тоа е желбата да се помогне некому кој е во неволја. Некој има хоби да типува во кладилница, некој да спортува, некој да лови риба. Нашето хоби е да „ловиме“ луѓе  на кои им се посветуваме во целост и се трудиме да им го разубавиме животот, за да не губат надеж и да веруваат во подобро утре.

 

5. Дали мислите дека со новиот закон ќе се зголеми бројот на волонтери и поддржувачи на Вистински дела на љубезност?

Со новиот закон за донирање на вишок храна, веруваме дека ќе се зголеми бројот на правни и физички лица кои ќе се одважат и ќе одлучат да донираат храна, со цел истата да стигне до најзагрозените. Секој еден кој сака да донира и да помогне некому, тоа може да го направи на едноставен и лесен начин. Не мора тоа да биде преку Љубезност или некое друго здружение. Едноставно може да излезе од својот дом или од своето работно место и во својата околина да најде некој на кој му е потребна помош и да му донира.

 

6. Што можете да ни кажете за соработката и учеството во Мрдни со прст кампањата? Како ја гледате оваа кампања во рамките на она што го работите ?

Со Мрдни со прст имавме неколку контакти и соработки до сега. Мислам дека е одлична иницијатива која не смее да заврши, туку напротив да продолжи и да се развива и понатаму. Одлична поддршка на засебни или групни кампањи, каде што организацијата, логистиката и координацијата се многу важни, посебно кога учествуваат повеќе здруженија.

 

7. Кои се следните чекори на Љубезност ? Што може да очекуваме од Вас во 2018 година?

Во 2018 год. планираме континуитет на нашите активности. Секој проект што го започнуваме за прв пат, наша цел е да остане континуирана активност, кој со текот на времето ќе се развива и надополнува. Продолжуваме со посетите и поддршката на социјално загрозените семејства, со оброците за бездомниците, сезонските собирни пунктови, посебната грижа за бездомниците во зимскиот период, новогодишните пакетчиња за дечињата на социјално загрозените семејства. Исто така ќе продолжиме да работиме на вмрежувањето со други здруженија, понатаму со компании и со институции.

Посебно нешто на што ќе се посветиме во 2018 година е поттикот на граѓанскиот активизам во секоја наша активност и во делот на социјалното претприемништво, отворање на Центар за социјална и професионална реинтеграција на бездомните и социјално загрозени семејства и поединци. Наша цел не е маргинализираните лица цел живот да ги навикнуваме на хуманитарна помош, туку да им овозможиме основни предуслови за да се вратат во системот, да им се овозможи сами да може да допринесуваат за себе и за своите семејства.

 

8. Која Новогодишна порака сакате да ја споделите со граѓаните ?

Кога секој човек би дал еден мал дел од себе, на светов нема да има гладни и боси. 

Не вртете го погледот од луѓето на семафорите и во контејнерите, помогнете им барем за малку да се почуствуваат за достојни граѓани на ова општество.