“Нахрани 1000” обезбеди повеќе од 16.000 оброци за граѓаните од социјално ранливи категории

Акцијата “Нахрани 1000”, која минатата недела ги обедини солидарноста, хуманоста и желбата да се помогне на граѓаните од социјално ранливите категории, резултираше со најмасовна акција за донирање на храна досега одржана во нашата држава. За еден ден беа собрани 5 тони храна. Во “Нахрани 1000” се вклучија повеќе од 1000 граѓани и 16 компании чии донации обезбедија повеќе од 16 илјади оброци за граѓаните кои секојдневно се соочуваат со недостаток на храна.

Скопје, 24.10.2017 – По повод одбележување на светскиот ден на сиромаштијата, 17 октомври, со цел подигање на општествената свест за донирање на храна на оние на кои таа им е најпотребна, граѓанската иницијатива “Мрдни со Прст” заедно со “Црвен Крст на Град Скопје, организацијата Ајде Македонија, Здружението на граѓани за помош на бездомници и загрозени семејства Љубезност, Сојуз на извидници на РМ и организацијата АДРАво Скопје организираа акција за донација на храна со поставување на 5 штандови за донирање на конзервирана и нерасиплива храна.

Акцијата симболично наречена “Нахрани 1000” наиде на огромен одзив од страна на граѓаните, бизнис заедницата и вработените од 16 компании во Скопје. Имено, за само еден ден на 5-те поставени штанда во главниот гради и од 16те компании кои се приклучија на акцијата за донирање на Мрдни со Прст, беше собрана храна со вкупна тежина од 5 тона, што според пресметките значи над  16.000 обезбедени оброци само преку оваа акција.

Според организаторите, одзивот и интересот на граѓаните и компаниите за акцијата ги надмина очекувањата, имајќи го предвид фактот што оваа акција беше организирана за прв пат во Македонија. Со ова, се потврдува и потребата за почесто организирање на настани од ваков вид, но и можно претворање на оваа акција  во традиционален годишен настан, бидејќи како што велат тие, граѓаните од ранливите категории секојдневно се соочуваат со недостаток на храна.

 

Кон акцијата, покрај граѓаните, се придружија и веќе препознаените општествено одговорни компании и вработените на Бимилк, Пивара Скопје, Vip, Авицена Лабораторија, Тинекс, Меккен Скопје, Динерс Клуб Македонија, НЛБ Банка, Шпаркасе Банка, Октa, Осигурување Македонија, ИОМ, Олимпија Моторс, Консалтинг Интер Скопје, Виталија и Студио Модерна.