Нахрани 1000: На 17-ти октомври во Скопје најмасовна акција за донирање на храна по повод светскиот ден за борба против сиромаштијата

Скопје, 13.10.2017 - Денес на прес-конференција беше најавена досега најмасовната акција за донирање на храна во Македонија -  “Нахрани 1000” во склоп на Мрдни со Прста по повод одбележување на светскиот ден за борба против сиромаштијата, 17 октомври.

Граѓанската иницијатива “Мрдни со Прст”, “Црвен Крст на Град Скопје, организацијата Ајде Македонија, Здружението на граѓани за помош на бездомници и загрозени семејства Љубезност, Сојуз на извидници на РМ и организацијата АДРА”, на 17ти октомври (вторник), во периодот од 10:00 до 19:00 часот, за сите заинтересирани граѓани, ќе бидат достапни 5 штандови за донирање на храна во Скопје.

Штандовите каде во вторник ќе може да се донира храна, ќе бидат поставени на следните локации: Плоштад Македонија, пред Скопје Сити Мол кај Плеј кафе, во Аеродром пред Веро, пред Дом на Градежници и во Ѓорче Петров пред Тинекс.

                “Податокот дека 445.000 граѓани во Македонија  можат да обезбедат само еден оброк на ден  доволно              говори за потребата од адресирање на оваа тема и размрдување и активирање на граѓаните.

 Во вторник на 17-ти октомври ќе собираме храна за бездомниците и за сите загрозени семејства на кои храната им е најпотребна во моментов. Пакетите ќе се прават на лице место заедно со граѓаните кои што ќе донираат. Се надеваме на огромен одзив од страна на граѓаните, но и од страна на бизнис заедницата и компаниите до кои беа испратени писма за нивно активно вклучување кон акцијата.

Целта на акцијата “Нахрани 1000“ е поттикнување на солидарноста, како и подигнување на општествената свест за донирање на храна на оние на кои таа им е најпотребна.

Организаторите за граѓаните и компаниите составија список на потребни производи кои што ќе може да се донираат на пунктовите: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

 

Повеќе информации за оваа иницијатива се достапни на Фејсбук евентот за “Нахрани 1000“.