Мрдни со прст и паркирај го правилно својот автомобил

Минатата недела во Гостивар и во Тетово, „Мрдни со прст“ ги размрда граѓаните потсетувајќи ги за нивната одговорност за безбедноста и редот во сообраќајот. Невообичаената герила-акција, чија цел беше да повлијае врз подигањето на јавната свест околу важноста на сообраќајната култура, предизвика многу позитивни реакции кај граѓаните.

Поттикнати од многубројните граѓански поплаки и коментари за воведување ред во сообраќајот поради непрописно паркираните возила во овие градови, „Мрдни со прст“ на креативен начин им укажа на несовесните возачи за несоодветно паркирање, обележувајќи ги со црвени воочливи линии и со порака дека одговорноста за безбедност во сообраќајот е одговорност на секој граѓанин.

Пораката „Време е да дигнеш рачна бидејќи градот не e еден голем паркинг!“ допре до стотици непрописно паркирани автомобили и минувачи што одблиску се запознаа со акцијата. Акцијата привлече големо внимание и истовремено ги натера возачите да ги препаркираат на соодветни паркинг-места. Гостиварци и Тетовци мрднаа со прст и покажаа дека потребно е малку за да направиме многу.

Со овој настан, „Мрдни со прст“ продолжува со активностите за подигнување на свеста на граѓаните за различните можности за општествени промени што се во доменот на секој поединец. „Tи си на потег“, како слоган на кампањата, го повикува секој граѓанин да даде своја идеја, да се вклучи и да реализира активности со цел да направи одреден придонес во заедницата во која живее.

 

Повеќе информации за тоа како секој може да се вклучи, а истовремено и детали околу претходните и следните активности на „Мрдни со прст“ се достапни на www.mrdnisoprst.mk, како и на страницата на „Фејсбук“ www.facebook.com/MrdniSoPrst.